Скопје/Охрид, 19. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – На локалните избори во неделата се регистрирани 60.753 неважечки ливчиња, што е за една третина повеќе од локалните избори во 2017 година, кога имаше 45.551 неважечки ливчиња.
Станува збор за неважечки ливчиња од првиот круг за избори за градоначалници во 80-те општини, плус Град Скопје.
Најмногу неважечки ливчиња во 2021 година има во Град Скопје – 15.929, што е зголемување за 4.500 во однос на претходните локални избори.
Зголемување има и во Битола, каде што бројот на неважечки ливчиња за четири години порасна од 2.063 на 2.659. Од поголемите општини, процентуално најголем раст на бројот на неважечки ливчиња има во Кавадарци, каде што пред четири години имаше 455, а сега 1.126.
Во Струга има зголемување на неважечките ливчиња од 939 на 1.305, а во Струмица од 871 на 1.228. Зголемување на неважечките ливчиња има и во Чаир, од 1.610 на 1.859, како и во Центар, од 1.118 на 1.254. Во Охрид, бројот на неважечки ливчиња порасна од 1.273 на 1.412, додека во Бутел од 905 на 1.229.
Намалување има во скопските општини Аеродром, Кисела Вода и Карпош, како и во Куманово. (Крај)
извор: expres.mk фото: архива