декември 2, 2021

Скопје/Белчишта, 2. декември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, денеска оствари работна средба со градоначалниците на општините од Југозападниот и Пелагонискиот плански регион, на која се презентирани идните активности што се однесуваат на воспоставување на систем за управување со отпад во тој дел од државата.

Градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески, изрази задоволство што дефинитивно е напуштено предложеното решение регионална депонија за цврст отпад да се гради кај селото Годивје во Дебрца, а наместо тоа решението ќе се бара со меѓурегионален концепт за воспоставување на систем за управување со отпад.

Според Ногачески, најновото предлог техничко решение за регионалната инфраструктура предвидува изградба на една регионална санитарна депонија за двата региони, лоцирана во село Добрашинци – Општина Новаци и претоварни станици во Дебар, Охрид, Кичево, Битола и Прилеп.

Меѓурегионалната депонија ќе се гради со средства што ќе ги обезбеди државата и тоа со заем од ЕБОР и грант од програмата за Западен Балкан на ЕУ (Western Balkan Investment Framework). (Крај)

извор: МИА фото: МИА

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука