Свети Николе/ Охрид, 16. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – По повод 27 март – Светскиот ден на театарот, во Свети Николе ќе започне нов Меѓународен театарски фестивал „Белазора“.
Дел од овој фестивал ќе биде НУ Народен театар – Охрид за проектот – претставата „Дениција“ од Петре М. Андреевски.
Народниот театар од Охрид ја реализираше оваа претстава во копродукција со Театарот „Ici et la“ од Париз, Франција. Претставата имаше светска премиера во Скопје, а неколку пати беше изведена во Охрид.
Проектот е во режија на Константин Плевнеш. Во улогата на Петре М. Андреевски настапува првенецот на Драмскиот театар Рубенс Муратовски, во улогата на Дениција, младата актерка Димитрина Мицкоска, а во улогата на божицата Талија, Саша Ефтимова од МОБ. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата е на Марија Пупучевска, видео-арт Милчо Узунов. Во рамките на претставата користени се и 5 слики на Сергеј Андреевски на тема „Дениција“.
Инаку, иницијатор и организатор на фестивалот „Белазора“ е Институтот за култура и уметност при Меѓународниот Славјански универзитет “Гаврило Романович – Державин“ од Свети Николе.
Фестивалот е замислен и ќе се реализира како театар во куфер, односно мобилен театар, а ќе започне на 28 март и ќе трае до 5 април оваа година.
Исто така ќе настапат: Народниот театар од Врање со претставата „Женски разговори“ од Душко Радовиќ, Народниот театар од Штип со претставата „Љубовен маратон“ од Нил Сајмон и студентите од класата на актерот и професор Мето Јовановски при Универзитотот ЕФТА од Скопје.
Годинава, претставите ќе се изведуваат во Свети Николе и Штип.
Директор на фестивалот е Христо Петрески, а селектор е Трајче Кацаров. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива