септември 25, 2017

Охрид, 25. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во организација на охридскиот Црвен крст, на 30-ти овој месец ќе се организира традиционалната, хуманитарна и спортско-рекреативна акција „За посреќно детство“.

– Настанот ќе започне во 11:00 часот со „главна трка“ на младите чиј старт ќе биде од плоштадот „Крушевска република“, кај Чинарот, а целта ќе биде на градскиот плоштад „Климент Охридски“, каде ќе продолжат спортските, културно забавни и здравствено-едукативни содржини проследени со голем број награди.  Учество на овој настан се обезбедува со купување на учеснички број кој чини 30 денари. Средствата собрани од продажбата на учеснички броеви за акцијата, ќе бидат наменети за помош на децата со здравствени потешкотии од социјално загрозените семејства во Охрид и Дебрца. Секој кој ќе купи учеснички број ќе има можност да се натпреварува во бројни спортски дисциплини: фудбал, баскет, одбојка, ракомет, тенис, бадминтон, шах, пикадо, хокеј на трева, возење велосипед, аеробик и друго, со што станува потенцијален добитник на награда во големата наградна игра со преку 50 вредни награди (седумдневно зимување на Златибор, петдневен престој во Крагујевац, петдневен престој во Суботица, викенд во Крушево, курсеви за странски јазици, компјутерска галантерија и др.) кои ќе бидат извлекувани во живо на една од локалните телевизии, информираат организаторите.

Продажбата на учесничките броеви е веќе во тек. Мобилните тимови на волонтери на Црвен крст Охрид ќе бидат достапни со учесничките броеви на повеќе пунктови во градот, а учесничките броеви ќе можат да се набават и во просториите на Црвен крст – Охрид, на улица „Димитар Влахов“ бр. 52. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука