Струга, 16. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Наставничкиот совет при дисперзираните паралелки во Струга на ДМУ Тодор Скаловски – Тетоец целосно застанува зад демантот и реакцијата на раководителот, водејќи се исклучиво од интересот на учениците и зачувувањето на нивниот напредок и мотивација.
– Нашата обврска е да го штитиме угледот на училиштето и да обезбедиме висок квалитет на наставата, што е основа за успехот на нашите ученици. Секој обид да се нарушат овие принципи е спротивен на нашите заложби како наставници и воспитувачи, велат од советот.
Реакцијата ја пренесуваме во целост:
Почитувани,
Вчера, колегата Дамјан Пејчиноски објави коментар во врска со својот статус во училиштето, во кој изнесе информации кои не се целосно точни, што предизвика реакции во јавноста. Овие реакции резултираа во создавање погрешна перцепција за состојбата и за начинот на кој училиштето се раководи и функционира. Социјалните мрежи имаат моќ да влијаат врз јавното мислење, но со секој коментар на овие платформи доаѓа и одговорност да се информира точно и чесно, со почит кон вистината. Во овој случај, тоа недостасува.
Нашата совест е чиста, бидејќи сите наши постапки се во согласност со етичките принципи, законските прописи и интересите на училиштето. Секогаш сме се стремеле кон фер однос и правичност во третманот, вклучително и кон колегата Пејчиноски. Доколку имало недоразбирање или несогласување, сме се трудиле да го адресираме преку отворен дијалог, бидејќи веруваме дека на тој начин можеме да ги решиме сите прашања.
Клеветите и навредите што беа упатени кон мене, како одговорен (цитирам: „неталентиран“, „исфрустриран“, „мрсул“, „неспособен цицач“ итн.), ќе ги проголтам не затоа што се точни или заслужени, туку затоа што одбивам да се спуштам на нивото на навреди и омаловажувања. Овие навреди не го одразуваат мојот карактер, туку зборуваат повеќе за оние што ги упатуваат.
Она што не можам да дозволам, е да се шири погрешна слика која ќе го поткопа угледот на училиштето и достоинството на колегите кои чесно и посветено работат за доброто на учениците.
Затоа, ретроспективно ќе ги коментирам некои постапки и коментари:
1. Вчера, колегата дополнително објави на социјалните мрежи дека „дал оставка“. За истото ме информираше и преку приватна порака на Вибер. Мојот одговор беше: „Ако е тоа твоја конечна одлука, дојди утре во 11:00 часот да го потпишеш на работа (барањето за отказ од Договорот за вработување)“. Неговиот одговор беше: „Важи, таму сум.“ Денеска, Дамјан не се појави во договореното време. По телефон ми кажа дека е „на снимање“ и дека бара да му го испратам отказното решение на мејл. Му одговорив дека треба лично да го достави барањето. Следеше одговорот: „Пушти ми да видам, сакам правник да го провери пред да потпишам.“ Му одговорив дека самиот треба да го достави барањето за оставка, согласно постапката. Очигледна е намерата на Дамјан Пејчиноски да се прикаже како жртва, наведувајќи кон отказно решение за себе, додека пред јавноста демонстрира храброст и тврди дека сам доброволно дал оставка.
2. Во истото соопштение пишува дека добил „повик којшто не звучеше како начин да се најде решение“. Откако коментарот беше објавен, го побарав и му предложив да се состанеме во присуство на сите колеги за да ги разјасниме недоразбирањата. Оваа средба имаше за цел да воспостави отворен дијалог, но Дамјан одби да присуствува. Овие одлуки оставија простор за сомнежи околу искреноста на намерите за решавање на ситуацијата.
3. Порталот „Инфоплус“ објави информација која се темели на погрешно толкување на ситуацијата. Наведувањето на бројката на плата како „казна“ не одговара на фактичката состојба, бидејќи распределбата на часовите се врши согласно со прописите и законите, а не по заслуги. Важно е да се напомене дека распределбата на часовите се врши согласно со бројот на ученици и другите релевантни фактори. Како може да биде казна неселективната примена на законските регулативи и критериуми за распределба на часовите и обврските? Впрочем овие правила не вежат само за Дамјан Пејчиноски, туку за сите наставници во држвава.
4. Работниот однос е взаемен и динамичен процес – тој бара вложување и ангажман од сите инволвирани страни. Од 2021/2022 година, Дамјан Пејчиноски ги губи часовите како резултат на недостиг од ученици и од неговиот недостаток на иницијатива да се вклучи активно во процесот на привлекување нови ученици или понуда на дополнителни активности кои би ја зголемиле неговата работна ангажираност. Дополнително, продолжи да демонстрира самоволие и ароганција кон работните обврски. Не присуствуваше на наставничките совети, не ја пополнуваше педагошката евиденција, не учествуваше во обуките за професионален развој, го немаше на натпреварите и јавните настапи, и најскандалозно, ненајавено отсуствуваше од индивидуалните часови. Ова им нанесе штета на учениците, кои се најголемите жртви на ваквото неодговорно однесување. За сето време, наша цел беше да се најдат решенија и да му се помогне во одржувањето на неговата работна позиција, но неговиот однос и постапки покажаа недостиг на професионалност.
5. Наставничката професија е одговорност која бара сериозност, посветеност и љубов кон учениците. Да се биде педагог значи да се биде пример за учениците. Во оваа ситуација, се поставува прашањето каков пример е Дамјан Пејчиноски со своето однесување?
6. Верувам дека е важно да се направи саморефлексија и да се согледаат последиците од своите постапки. Ако Дамјан искрено ги разгледа своите постапки, ќе дојде до заклучокот дека не само што му нанел штета на училиштето, туку и на учениците и колегите. Во професионалниот свет, признавањето на грешките не се смета за слабост, туку за сила. Јавно извинување ќе биде одговорен и чесен чекор, кој ќе ја врати довербата и ќе помогне во понатамошното зајакнување на соработката.
Со почит,
Проф. д-р Димитри Кумбароски
Раководител на дисперзираните паралелки во Струга на Државното музичко училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“
извор: ОхридПрес фото: архива
Повеќе на темата:
Пејчиноски: Поднесов оставка, сепак се работи за моето гледиште, против гледиштето на установата