Охрид, 30. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Потегот на Република Албанија да не се дозволува изградба на никакви објекти на брегот на Охридското Езеро на растојание од 30 до 50 метри од брегот претставува голем и одговорен чекор во еколошката заштита на Охридското Езеро, заедно со неговата флора и фауна, вели екологистот Лазо Наумоски.
Според него, климатските промени придонесуваат за изчезнување на слатката питка вода поради што жителите на планетата Земја ќе се соочуваат со големи проблеми во недостиг на вода.
– Во интерес на сочување на водата од Охридското Езеро кое изнесува преку 58 км3 како еколошки чиста и употреблива вода, неминовно е да се поздрави и поддржи иницијативата на Р. Албанија во заштитата на брегот на Охридското Езеро и неградењето на никакви објекти на просторот од 30 до 50 метри од самиот брег на Охридското Езеро, вели Наумоски.
Додава дека е неопходно шумите во сливното подрачје на Охридското Езеро да добијат третман на заштитени шуми и шуми од посебен интерес. Исто така, според него, неминовно е и воведување субвенции за секој еден граѓанин во сливното подрачје на Охридското Езеро кој поседува шумски зелени појаси не помалку од 1 хектар.
– Ваквата иницијатива ќе доведе во сливното подрачје на Охридското Езеро до сочувување на водата во Охридското Езеро на стабилно ниво, односно на кота од 693,60 – 693,80 метри. Водата од Охридското Езеро ќе претставува еколошки чиста како питка вода и во иднина ќе биде како голем економски потенцијал на Република Македонија и локалните власти на Охрид, Струга и Дебрца, а езерото како главен снабдител со вода на Балканот, Европа и светот. Со оваа иницијатива ќе се создадат и огромни услови за развој на алтернативниот туризам во сливното подрачје на Охридското Езеро, појаснува Наумоски.
Охридскиот екологист потсетува дека на планетата Земја има околу 1,6 милијарди км3 вода, од која 98–99% припаѓа на морска солена вода и многу не е употреблива освен за капење, а само 0,5–1% водата на Земјата е слатка, односно питка вода без која луѓето не можат да опстанат и кога може да изчезне како резултат на климатските промени. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива