септември 30, 2017

Охрид, 30. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Научен собир на Европската миколошка асоцијација (ЕМА) и на Меѓународното друштво за зачувување на габите, насловен „Зачувувањето на габите во променета Европа: претстојни предизвици“, ќе се одржи во Охрид од недела до 6 октомври, како прв настан од ваков ранг во нашата земја од доменот на зачувување на габите.

Македонското миколошко друштво (ММД), чие седиште е на Природно-математичкиот факултет во Скопје, е локален организатор и домаќин на научниот собир.

– На собирот ќе учествуваат педесетина претставници главно од европските земји, но и пошироко. Основната цел на настанот е поттикнување дискусија за факторите на кои се должат промените во микрофлората на локално, регионално, национално и на европско ниво, како што се губењето на живеалиштата, климатските промени, прекумерната експлоатација, загадувањето и др. Покрај тоа, ќе се овозможи унапредување на меѓународната соработка во истражувањата, програмите за мониторирање и објавувањето на Европска црвена листа на загрозени видови габи, соопштуваат од Македонското миколошко друштво.

Програмата опфаќа пленарни предавања, работилница на Европскиот совет за зачувување на габите – највисокото тело за заштита на габите во Европа во рамките на ЕМА, работилници за глобалната црвена листа на загрозени видови габи на Меѓународната унија за зачувување на природата, со кои ќе претседаваат раководителите на специјализираните групи за габи во рамките на Комисијата на Меѓународната унија за зачувување на природата за опстанок на видовите и водачите на Глобалната иницијатива за црвена листа на габи.

Предвидени се и презентации со постер, еднодневен истражувачки терен во Нациoналниот парк Пелистер и интердисциплинарен сегмент – ликовна изложба „Габите во современото сликарство“.

– Габите се значајни за човековото општество и нашата планета. Тие имаат клучна улога во рециклирањето на хранливите состојки во сите земјени екосистеми и иако не се толку воочливи, претставуваат нераскинлив дел од процесите што го одржуваат животот на земјата, но се загрозени. За жал, сè до последните неколку десетлетија, заложбите за нивно зачувување беа незначителни, а и ден-денес владите го занемаруваат нивното зачувување, додаваат од Македонското миколошко друштво. (Крај)

извор: Нова Македонија фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука