Охрид, 6. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – На програмата, на традиционалната манифестација „Научна и уметничка визита“, во организација на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), која ќе трае се` до 28-ми јули, денеска е работилницата: „Културната антропологија и социологија“.
Ќе се одржи, со почеток во 20:00 часот во Куќата на Уранија.
Претходно, во рамките на програмата, беше одржана лингвистичка работилница на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика (ИЦАЛ), а во соработка со Филозофското друштво на Македонија. Следната работилница е на 10-ти јули, ќе биде насловена: „Балканските и европските дискурси за естетиката и симбологијата“.
На 15-ти јули ќе се одржи предавање на тема: „Илјада години од живописувањето на Св. Софија“ што ќе го одржи академик Цветан Грозданов. Визитата продолжува на 20-ти јули кога ќе биде отворена изложбата: „Акварели од академик Васко Ташковски“ по повод 80 години од неговото раѓање.
Според програмата, академик Иван Катарџиев, на 26-ти јули, ќе одржи предавање на тема: „71 година од добивање културна автономија на Пиринска Македонија“, а на 28-ми јули ќе има поетско-ликовна вечер. Проф. д-р Иван Џепароски ќе ја промовира книгата: „Извештаи на рисот“, која содржи песни од Славе Ѓорго Димовски и цртежи од Сергеј Андреевски. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива