ноември 2, 2023

Струга, 2. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Националниот ансамбл за македонски народни игри и песни „Танец“, вечерва, со почеток во 19:00 часот, ќе одржи целовечерен концерт во НУЦК „Браќа Миладиновци“ во Струга.

„Танец“ е првиот професионален фолклорен ансамбл во Република Македонија, формиран во 1949 година со цел да ги собира и негува македонските традиционални песни и игри, народните носии и инструменти, и преку соодветен уметнички израз, сценски да ги претставува највредните форми од богатата ризница на македонскиот народ. „Танец“, име што го симболизира македонскиот народен танц (оро), е амбасадор на македонската народна уметност и култура низ целиот свет. Како подвижен музеј на нашето културно богатство, ансамблот неуморно ја шири убавината на македонските танци и песни, оставајќи свој белег на сцените во Азија, Америка, Австралија, Африка и насекаде низ Европа. Во текот на своето повеќе од седум децениско постоење, „Танец“ има учествувано на повеќе од 5.000 концерти и фестивали, настапувајќи пред полни концертни сали во Њујорк, Сиднеј, Мелбурн, Тел Авив, Рим, Париз, Лондон, Монтреал, Торонто и многу други светски метрополи.

„Танец“ поседува и уникатна збирка на повеќе од 3000 автентични носии со исклучителна вредност и убавина и секој негов настап е посебно аудио-визуелно доживување за публиката. Репертоарот се состои од повеќе од 90 кореографии и неколку стотици вокални и инструментални творби, преку кои ансамблот ги претставува разновидните музички и кореографски традиции од богатиот македонски фолклор. Ансамблот брои 40 врвни играорци, 20 вокални и 20 инструментални изведувачи, кои лесно се комбинираат во најразлични формации и кои во секое време можат да понудат разнородна програмска концепција. „Танец“ во својота долга и раскошна професионална кариера има добиено многу награди и признанија, како Големата награда на Интернационалниот фестивал во Ланголен, Велика Британија и општествените одликувања „11-ти Октомври“, „13-ти Ноември“ „Св. Климент Охридски“ и „Орден за заслуги за Македонија“.

Билетите се продаваат по цена од 150 денари. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука