февруари 4, 2015

Охрид, 4. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – По повод 155 години од наградувањето на поетот Григор Прличев за неговата поема „Сердарот“, охридските основни училишта и општината во текот на март ќе реализираат рецитаторски натпревар.

На натпреварот ќе се презентираат творби од творечкиот опус на Прличев како и творби од други автори кои пишувале за него.

Најдобриот на ова рецитаторско натпреварување ќе биде прогласен на 25-ти март кога на симболичен начин ќе му биде доделен и ловоров венец, исто како што добил и Прличев за неговата поема „Сердарот“.

Во чест на Прличев, во Охрид со децении наназад се одржува манифестацијата „Прличеви беседи“ во чии рамки се распишува и конкурс за најдобра необјавена поема напишана на македонски јазик, жанр што го негувал и самиот Прличев.

Охриѓани задутре во 11:00 часот ќе го посетат гробот на ловороносецот каде ќе се одржи панихида. Освен традиционалната програма во Центарот за култура „Григор Прличев“ каде на наградениот автор Славе Банар ќе ја добие наградата за неговата поема „Амбар“.

Пригодна културно-уметничка програма ќе се одржи и во родната куќа на Прличев, а во библиотеката што го носи неговото име ќе се одржи традиционалната „Охридска визита“. (Крај)

извор:ОхридПрес  фото:архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука