февруари 28, 2017

Охрид, 28. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – „Луѓето со ретки болести да не се чувствуваат запоставени меѓу нас“ – е главната порака, која младите од Охрид ја пратија по повод 28-ми февруари, Денот на ретки болести.

Денот на ретки болести се одбележува симболично на 29-ти февруари во секоја престапна година, а во годините во кои февруари има 28 дена, се одбележува на последниот ден од месецот. Оваа симболика е со цел да се направи паралела со денот кој се паѓа еднаш на секои 4 години и реткоста на некои болести, за кои медицината често пати, за жал не може да најде соодветна терапија.

Здружението на граѓани за ретки болести „Живот со Предизвици“, заедно со Црвен крст Охрид и Здружението за велосипедизам, планинарење и еко-култура „Зш Авантура“, под мотото „Придружете ни се за да се слушне гласот на ретките болести“ со низа активности денес го одбележува Денот на ретки болести.

odbelezuvanjeretkibolesti2

Се одржа марш кој започна од дворот на ОУ „Христо Узунов“.

odbelezuvanjeretkibolesti4

Како централен настан имаше Марш низ улиците на Охрид и атлетски крос по кејот на Охридското Езеро, на кој учество земаа околу 350 ученици од основните и средните училишта во Охрид.
Учениците пак на Градскиот плоштад делеа информативен материјал за ретките болести.

odbelezuvanjeretkibolesti3

Постојат меѓу пет и осум илјади ретки болести, секоја со преваленца од помалку од 0,1% од населението, но заедно тие чинат огромна бројка која засега милионски животи на глобално ниво. Ниту една земја, а особено не помалите како што е Македонија, не може самостојно да се справи со предизвиците на ретките болести, но затоа може да се придружи на заедничките напори и да ги искористи можностите и примени придобивките од глобалните и регионалните напори за справување со сите аспекти, од здравствени потреби, преку економски и социјални услови до квалитет на живот и самореализација. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука