мај 31, 2017

Охрид, 31. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Ишијалгија, дискурс хернија, цервикобрахијален синдром, шилци во (рамо,колено, пета), спондилозни промени се меѓу најчестите проблеми со кои се соочуваат граѓаните на Охрид.

Според искуството од работењето, Михаил Шишкоски, дипломиран физиотерапевт, специјалист по кинезитерапија, од Центарот за физиотерапија „Валео“, вели дека речиси секој втор пациент страда од дискус хернија. Овие состојби предизвикуваат големи болки кај пациентите.

Според Шишкоски, со современата апаратура за шок – вејв терапија, се помага при топење или минирање на депозитите на калциум фосфат, кои се таложат во зглобот, или на некој дел од тетивите.

– Тешките стадиуми на дискурс хернијата создаваат големи болки, а физикалната терапија помага многу за ослободување на болката. Има некои заболувања кои не се лечат, нема лек за нив, или механички повреди, кои се настанати на ‘рбетот на пршлените, кои не можат да се излечат преку ноќ, треба време, треба упорност и од самите пациенти, треба заложби во ординација и во домашни услови, со заедничка соработка. Пациентите ги слушаат нашите совети, ги применуваат вежбите во домашни услови, резултатот е на доста високо ниво, објаснува Шишкоски.

fizikalnaterapija2]

Во зависност од начинот на повреда, дали станува збор за скршеници, некоја акутна состојба, згрчување на мускул, болки, или во зависност од хроничната состојба, некои повреди се третираат со физикална терапија, некои хируршки, а некои со амбулантско лекување, а потоа се продолжува со физикална терапија. Доколку станува збор за повреда на мускули, мускулно-скелетен систем, лигаменти и тетиви, ако нема потреба од хируршка интервенција, тогаш физикалната терапија е неопходна. Постојат голем број на заболувања, кои се третираат со физикално или бањско лекување.

Кај професионалните спортисти повредите мора да се третираат со физикална терапија. Во најголем дел кај нив повредите настануваат на екстремитетите, но се јавуваат и повредите на ‘рбетниот столб.

– При контактните спортови, најчесто лицата имаат повреди настанати како резултат на повреда од друг спортист. Исто така настануваат повреди и без никаков надворешен фактор, или механички удар, од неподготвеност, од преголем замор, преоптоварување, или од недоволно загревање. Така настануваат повреди на кинење на тетиви или мускул, кинење на некои лигаменти на коленото, на скочен зглоб, најчесно на нозете настануваат повреди во спортот, има повреди исто така, кај кошарката, или ракометот, на рацење, или зглобовите, на лактот. Кај спортистите многу почести се истегнувањата, помалку се јавуваат скршеници или фрактури. Сите професионални спортисти, најчесто се физички подготвени, вели Шишкоски.

fizikalnaterapija3

Начинот на исхрана и количината на внесување на суплементи влијае при санацијата и зараснувањето на повредите, но нема некое правило дека мора да е така. Но, врз процесот на опоравување влијае физичката подготвеност на пациентите. Спортистите имаат можност побрзо да се регенерираат, бидејќи претходно се физички подготвени.

Кај возрасната популација се појавува намалување на густината на коските и тоа почесто кај припадничките на понежниот пол, каде се јавува остеопороза или почетен стадиум на остеопороза – остеопенија. Оваа појава е почеста кај жените, но се јавува и кај мажите. Поради тоа, зголемен е ризикот од повреди, односно кршење на коските.

– Нормално, со самите години доаѓа до дегенерација на пршленските тела на ‘рбетот, на сите зглобови на телото, што го зголемува ризикот од заболување или појава на болки на екстремитетите, или некои делови на телото, половината, вратот, грбот. Кај нив е многу понеопходна физикалната терапија, отколку кај младата популација. Се јавуваат доста проблеми, проблеми со половината, проблеми со колената, шилци на рамо, на петица. Со еден збор, многу почести се таквите проблеми кај повозрасната популација, отколку кај помладите, додава Шишкоски.

fizikalnaterapija4

Додека за вежбите кои се препорачуваат во домашни услови, потребни се справи од помал обем, како физиотопки. Останатите вежби се прават без помагала, со самото тело, со раце, нозе, затоа што домашниот простор не дозволува да се користат обемни справи.

Препораките за сите граѓани, а посебно за лицата во поодминати години, се физичка активност, движење, пешачење. Движењето помага како превенција при остеопороза. Бројот на пациенти кои се движат и пешачат, и воедно се физички активни, имаат помала шанса да заболат од остеопороза и да имаат болки. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука