Скопје, 13. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Бојан Јованоски и Зоран Милевски -Кичеец, осомничени во истрагата „Рекет“, остануваат во притвор во истражниот затвор „Скопје“, откако денес мерката притворот им беше продолжена за уште 30 дена.
– Заради интерес на повеќе медиуми, ја информираме јавноста дека – Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за продолжување на мерката притвор за Б.Ј. и З.М. опфатени во предметот во медиумите познат како „Рекет“, по разгледување и ценење на фактите и доказите донесе решенија со кои го прифати предлогот и ја продолжи мерката притвор за нови 30 дена, информираат од Основен кривичен суд – Скопје, јави Фокус.
Боки 13 и Зоки Кичеец беа уапсени на 15 јули и по распитот во Основниот кривичен суд Скопје им беше одредена мерка притвор од 30 дена. Двајцата се осомничени за кривичното дело Примање награда за противзаконито влијание, а Боки 13 е осомничен и за кривичното дело Перење пари.
За случајот „Рекет“, денеска на распит во Обвинителството за организиран криминал и корупција беше обвинителката од СЈО Лиле Стефанова, а следната недела на распит е повикана да дојде и специјалната обвинителка Катица Јанева.
Минатата недела, италијанскиот весник „Ла Верита“ објави серија снимени разговори меѓу осомничениот Боки 13 и сведокот Орце Камчев, кој е осомничен во истрагата на СЈО „Империја“. (Крај)
извор: Фокус/СДК фото: архива