април 7, 2017

Охрид, 7. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Денес Супер радио ги претстави преостанатите 3 финалисти во талент шоуто Ohrid SUPERSTAR.

Во студиото гостуваа Емилија Петровска, Андреа Јованоска и танчерите од групата „The Passengers“, со што водителите Александра Алексијевска и Даниел Наумовски го заокружија серијалот на претставување на најдобрите седум кандидати, кои в недела ќе се натпреваруваат за награда на талент шоуто.

Преку денешниот разговор во студио во отворената програма на Супер радио, публиката имаше можност да слушне нешто повеќе за активностите во слободно време на кандидатите.

– Прв пат сум во радио, и искрено, интересно е. Не би можела да направам некоја компарација меѓу радио и телевизија, подеднакво е убаво. Ме интересираат музичките инструменти, сакам да научам да свирам на што поголем број инструменти. Инаку, многу сум трудољубива. Од финалето очекувам пред сè забава, и онака многу се забавувам, а самиот момент ќе покаже што ќе се случи, вели Емилија Петровска.

Според Андреа Јованоска, задоволството е големо да се учествува на тален шоу, како што е Ohrid SUPERSTAR.

andreajovanoskavosuperradio

– Често пати луѓето ми кажуваат дека сум позитивна и весела личност, но понекогаш кога ќе почнам да се смеам, речиси и да не можам да престанам. Денес сум прв пат во радио и ми се допаѓа да научам од водителите како треба да се однесува човек во медиум. Задоволна сум досега од учеството на шоуто и во финалето очекувам да биде уште подобро. Ги вежбам песните, двете ми се допаѓаат, кажа Јованоска.

Членовите на „The Passengers“, се задоволни што благодарение на публиката успеале да се најдат во финалето.

– За секој настап се спремаме колку што нѝ е дадено време, една недела, но секогаш треба да направиме нешто ново. Тоа е фри стајлот, каде секој од танчерите прават кореографија, секој се претставува како што ја чувствува музиката. Најпозитивното во шоуто е запознавањето со сите кандидати, дружењето, а најтешкото е напорот да се претставиме толку добро, а да се спремаме за кратко време, објаснува Олгица Симеонова.

passengersvo radio

– И во иднина планирам да продолжам да направам многу повеќе за групата. Имам многу идеи, додава Јетон Мусли.

Во недела, во финалето ќе се натпреваруваат: Емилија Петровска, Ирма Гогова, Андреа Јованоска, Ивана Коскоска и Билјана Буџакоска, „The Passengers“ и Светлана Вељаноска.

(Повеќе фотографии на официјалната страница на Ohrid SUPERSTAR).

Финалето ќе се одржи на 9-ти април, недела, со почеток во 10:00 часот во големата сала при Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид. Публиката ќе има можност да гласа и да го поддржи својот омилен кандидат преку билетите, кои се во продажба во студиото на Супер радио, музичката продавница „ЗЗ Топ“ и „Тамаро маркетот“ лоциран на булевар „Туристичка“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука