Охрид, 20. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Десеттина православни верници вчера на брегот од Охридското Езеро кај месноста Сараиште ја примија светата вера преку масовното крштевање.
Црковниот обред го изврши свештеникот Љупчо Симиџиески кој потсети зошто е важно верниците да бидат крстени.
– Во стариот завет важело обрезанието, а со доаѓањето на Господ Исус Христос кога се исполнува тој домострој божји, кога доаѓа и во видливо тело Спасителот за да ни го објави невиливиот бог, кога потполно се јавува Света Троица, Спасителот наш, Господ Исус Христос се крштева во Јордан од раката на Свети Јован Крстител. Оттогаш самото обрезание е заменето со свето крштение, и еве повеќе 2 илјади години, за нас христијаните важи, а и спасоносно е самото крштевање, објаснува отец Симиџиески.
Според него, влегувањето во водата при самото крштевање симболизира да се умре за гревот. А вадењето од вода, како што појаснува, означува да се живее за Христос.
Помеѓу верниците беше и 23-годишниот охриѓанец Климент кој досега не бил крстен.
– Денеска се крстив затоа што досега не ме крстиле моите родители. Сметам дека тоа е особено важно за еден православен христијанин, рече Климент.
Светото крштение вчера го примија верници од Охрид, Ресен, Битола и Кичево, како и едно тричлено семејство до Република Албанија. (Крај)
извор: Супер радио фото: Супер радио