јануари 19, 2017

Охрид, 19. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Годинава по 6-ти пат имаше групно крштевање на православните верници на Сараиште.

По осветувањето на водите, Бог нè удостои 12 личности, возрасни и деца да се крстат, рече отец Љупчо Симиџиоски. Денес се крстеа лица од Охрид, Прилеп, Скопје и Мала Преспа од Албанија.

saraistekrstevanje2

– Бог ги удостои да го примаат Светото крштение, да постанат членови на едната Света Соборна и Апостолска црква. Нај големата радост денес ја почувствувавме сите, но посебно оние кои ја примија светата тајна крштеница и светото тајно миропомазание. Без разлика од какви родители потекнуваме ние, особено по 18 година сме возрасни и одговараме самите за сопствените гревови, меѓутоа и по слободна волја ја носиме онаа одлука на која вера сакаме да припаѓаме, дополна отец Симиџиоски.

saraistekrstevanje3

Меѓу оние кои денес се крштеваа, беше и музичарот Денис Мурат, кој симболично го прими крштението на негови 30 години.

denismurat1

– Овој ден е благодетен за сите верници. Јас не бев крстен, денес така се почувствував и во името на Господ се крстив. Многу сум среќен. На сите кои не се крстени, им посакувам да се покрстат, кажа Мурат.

Лидија од Скопје вели дека заедно со нејзината сестра денес го примиле во Охрид Светото крштение.

lidijaskopje1

– За овој чин дознавме од медиумите пред неколку години. Имаше ваков чин и во Скопје на Матка, но со сестра ми одлучивме да се крстиме тука во Охрид и тоа на овој ден. Свесна сум за тоа дека го носам името на првата покрстена Македонка – Лидија, името ми го дала токму сестра ми, но во тие години не сме крстени во црква. Сега со гордост го носам името и духовно, покрај официјално, додава Лидија.

На светиот чин беше потенцирано дека оние граѓани, кои се покрстија денес, во нивниот досегашен живот се труделе да живеат христијански живот, а имале тежина во дрцата и душите како некрстени личности. Од Дебарско-кичевската епархија апелираат сите оние кои не го направиле овој свет чин, како прва света тајна, имаат можност и во наредните години да се крстат на организирањето на групното крштевање во Охридското Езеро. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука