март 12, 2024

Скопје, 12. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – На денешен ден, 12-ти март, во 1845 година, во Лешок Тетово се упокоил македонскиот преродбеник Кирил Пејчиновиќ.

Тој е македонски просветителски автор кој сите свои дела ги напишал на народен јазик и заедно со Јоаким Крчовски ја претставуваат првата генерација писатели на современата македонска книжевност.

Првите почетоци од неговото образование биле во селото Лешок, а потоа продолжил во Дебарскиот манастир „Свети Јован Бигорски“. Татко му Пејчин го продал имотот во Теарце и Кирил Пејчиновиќ со него и со неговиот чичко Далмант одат во Света Гора, во манастирот Хиландар каде се замонашуваат. По извесно време Кирил се вратил во Тетово, а оттаму заминува во кичевскиот манастир „Света Богородица Пречиста“. Во 1801 година Пејчиновиќ станал игумен на Маркови манастир. Пејчиновиќ зад себе оставил три книги: „Книга сија глаголемаја Огледало“, „Утешение грешним“ и „Житие на кнез Лазар“. Напишал и еден епитаф во кој е сместена целата негова биографија и денеска претставува надгробен натпис на Кирил во манастирот во Лешок.

На фотографијата се и насловот и предговорот од „Утешение грешним“, втората книга на Пејчиновиќ. Книгата е составена од два дела – молитви и беседи. Пејчиновиќ оваа книга му ја испратил на Кнез Милош во Србија, надевајќи се на помош за печатење од христијанскиот владетел. Црковната цензура не го дозволила печатењето на оваа книга (содржела бројни турцизми, а пречел и тетовскиот говор), па Пејчиновиќ, обесхрабрен, сторил напори да се обнови солунската печатница на Теодосија Синаитски. Конечно во 1840 година, во Солун, била отпечатена првата книга напишана на македонски народен говор.

Роден е во 1771 година во тетовско Теарце. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука