Охрид, 5. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Facebook групата „Охрид, слики од минатото“ претставува вистинска ризница на стари фотографии од Охрид и спомен на едно минато време.
Членот во групата Климе Белкоски денес објави интересна фотографија која датира од далечната 1962 година.
– На денешен ден, 5-ти август 1962 година, во Охридското Езеро се одржа првото Светско првенство во маратонско пливање на слатки води. Се пливаше 34 километри на патеката Пештани-Струга-Охрид. Охриѓанката Атина Бојаџи (на сликата) пристигна прва на целта пред хотел „Палас“, напиша Белкоски во групата.
Настанот прерасна во една од најголемите спортски манифестации од таков вид во Македонија. Во 1960 година на маратонот во Капри, каде што Дики Бојаџи беше прв, присуствуваше и шеикот од Кувајт, Ел Габар ел Сабах кој беше поканет да дојде во Охрид. Цели четири години шеикот доаѓаше во Охрид со голема придружба и беше главна мецена, делејќи во тоа време 1.000 фунти за првите тројца маратонци.
Таа година помеѓу професионалците победи Абдел Абу Хеиф од Обединатата Арапска Република, а меѓу аматерите неговиот сонародник Небил Шазди. Во женска конкуренција победи охриѓанката Атина Бојаџи. Во професионалната трка од македонските пливачи голем успех постигна Дики Бојаџи, кој го освои третото место и Климе Савин кај аматерите, на четврто место. Од 1992 година шампионатот беше именуван како Охридски пливачки маратон, една од трките што се бодува за Светскиот маратонски куп. (Крај)
извор: ОхридПрес/Охрид, слики од минатото фото: Климе Белкоски