Охрид, 13. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Нема крај на голготата на граѓаните кои имаат станови во зградата „Расадник“ изградена од страна на АДГ „Трудбеник“ на улицата „Карпош Војвода“ во Охрид.
Иако становите ги купиле од градежната фирма со свои пари, сепак, заради должничко доверителски односи на фирмата, нивните домови се уште се предмет на заплена. Заради нерешените должнички односи на релација АДГ „Трудбеник“ и Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, сопствениците на становите, како што велат, повторно се соочуваат со противправни дејанија, дополнителни материјални трошоци и психичка тортура.
– Спротивно на правосилно решение на Основниот суд од Охрид и Апелацискиот суд во Битола, со кое на сопствениците на становите им е потврден имотниот статус, односно неспорната сопственост врз односните станови, Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор по пат на своеволие повторно ангажира извршител кој спротивно на законската одлука и неговите овластувања, презема активности за насилно попишување на становите, се жалат оштетените станари.
Како што додаваат, според решението на Апелација, правото на сопственост, тие го стекнале уште со купувањето настановите, значаен временски период пред воопшто да биде покренат судскиот спор меѓу АДГ „Трудбеник“ и Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор.
– Уште повеќе, со одлуката на Основниот суд од Охрид, потврдена од Апелацискиот суд во Битола некои сопствениците на односните станови веќе поседуваат имотни листови. Сопствениците на становите повторно сега се доведени во ситуација да ја докажуваат неспорната сопственост, за која веќе поседуваат судски решенија и дел од нив веќе и имотни листови за односниот имот кој веќе не фигурира на име АДГ „Трудбеник“. Во оваа новонастаната ситуација испаѓа дека за Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор и за извршителот Душан Филиповиќ не важат судските решенија и оти попусто сопствениците на становите низ единствениот можен законски пат ја докажале сопственоста врз односниот имот, велат оштетените.
Според нив, правно недозволиво е сувереното право на сопственост да биде оспорувано од страна на државата (овојпат преку Јавното претпријатие за стопанисување на деловен и станбен простор), која наместо своите побарувања да ги спроведува преку имот на должникот, тоа го прави преку луѓето кои становите си ги купиле со свои средства.
Дел од односните сопственици најавуваат дека покрај правниот лек обжалување на покренатата постапка на извршување, ќе покренат кривична пријава против Јавното претпријатие за стопанисување со деловен и санбен простор, АДГ „Трудбеник“ и судскиот извршител. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес