февруари 22, 2017

Скопје/Охрид, 22. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Премиерата на Reel Rock 11, светската филмска турнеја ќе се одржи на 28 февруари во кино Фросина во Младинскиот Културен Центар, од 20 часот.

Во рамките на фестивалот, неизбежно за претставување е искачувањето на највисокиот врв на Северна Америка, Денали, кој беше петтиот предизвик на нашата алпинистка Илина Арсова од циклусот „7 врвови на 7 континенти“.

Овој суров високогорски и ски-алпинистички предизвик со неговите 6195 метри надморска височина, Илина го реализираше заедно со Филип Василески – Четкар. Арсова живее во Охрид. Освен планинарството, е активна на полето на екологијата и сликарството.

И оваа зима, пред самиот крај на светската Reel Rock филмска турнеја, Скопје ќе успее да ги погледне најголемите светски качувачки достигнувања на големото платно.

– Петте нови филмови ќе ви донесат возбудлива акција, патувачки истражувања низ светот, голема смеа и вистинска инспирација. Настанот како и секоја година ќе биде збогатен и со локална програма која преку видеа ќе се осврне на нашите највозбудливи качувачки подвизи. Подгответе се за овогодинешната доза врвно качување и бескомпромисен алпинизам, велат организаторите на фестивалот.

Единаесетата Reel Rock филмска турнеја, традиционално започна на 15-ти септември во Болдер, Колорадо, оваа година за прв пат во облик на фестивал, а потоа продолжи во Сиетл, Сан Франциско, Њу Јорк и Вашингтон, од каде продолжија стандардните премиери насекаде низ светот, прикажувајќи ги најдобрите филмови за алпинистичките авантури на публиката ширум светот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука