октомври 29, 2021

Охрид, 29. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Ноќеска на полноќ започнува изборниот молк, во пресрет на вториот круг од гласањето на локалните избори во недела, кое ќе го даде одговорот на прашањето – кој ќе биде новиот градоначалник на Охрид.

Д-р Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ и д-р Константин Георгиески од СДСМ, учесници во вториот круг од изборниот процес и во вториот круг ги продолжија активностите, презентирајќи ја секојдневно својата програма пред граѓаните. Кампањата од двете страни беше со видни намален интензитет и главно се пренесе на директни контакти и средби со целни групи и убедувања на граѓаните. Се одржаа само неколку прес конференции на кандидатите, а видливо беше и избегнувањето да се учествува во дуелите на националните телевизии. Пораките претежно се испраќаа преку интервјуа и партиски соопштенија.

Пецаков влезе во вториот круг со предност од близу 2.000 гласови и во пораките ги апострофира поголемите планови за развој на градот и околината и повикува на масовна излезност во недела на 31-ви октомври. Георгиески во најголемиот дел од пораките посочува на реализираните проекти и најавува континуитет со повеќе важни инвестиции. Двајцата имаат помош од Централите на партиите и лидерите Мицкоски и Заев, кои деновиве беа во Охрид да им дадат поддршка на своите кандидати.

На осмите локални избори во Охрид право на глас имаат 52.477 граѓани. Ќе се гласа на 88 избирачки места. За овој изборен циклус имаше измени на две избирачки места. Запишаните избирачи на гласачкото место 1255 1255/1 што беше сместено во просториите на Територијалната противпожарна единица, гласаат во просториите на ОУ „Братство Единство“, односно на гласачко место 1256. Промена има на гласачкото место 1271, бидејќи бројката на запишани избирачи надминува 1.200. Во насока на почитување на ковид протоколите, гласачите од цела улица „Лазо Трпоски“ своето право на глас го остваруваат на избирачкото место 1274, сместено во музичкото училиште „Методи Патче“.

Изборниот молк започнува на полноќ и ќе трае, заклучно со 19:00 часот на 31-ви октомври. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука