Скопје, 11. септември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Вечерва на полноќ истекува рокот до кој можат да се поднесуваат кандидатурите за учество на локалните избори закажани за 17-ти октомври.
Граѓаните може да ги проверат своите податоци во подрачните единици и канцеларии на ДИК, како и електронски преку нивната веб-страна.
Избирачкиот список потоа се доставува до политичките партии, а во него треба да бидат внесени и податоци од МВР за лица кои имаат барања за нови лични карти, од Управата за санкции и од МТСП за лицата во старските домови. Избирачкиот список се заклучува најдоцна до 24-ти септември, а треба да биде потпишан најдоцна на 1 октомври.
Своите кандидатури партиите и независните кандидати треба да ги достават до општинските изборни комисии до 11-ти септември на полноќ.
Изборната кампања за првиот круг од локалните избори започнува на 27-ми септември и ќе трае до 15-ти октомври на полноќ.
На овие избори првпат во земјата ќе се користат терминали за вчитување на отисоци од прсти. Првите 200 пристигнаа во земјава, а ДИК треба да започне со обука за нивно користење. Компанијата „Дермалог“ сите терминали треба да ги достави во земјата до 1 октомври. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива