Белчишта, 18. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – На Славеј планина, денеска се одбележаа 80 години од формирањето на првата организирана воена формација, баталјонот „Мирче Ацев“.
Во таа чест беше положено свежо цвеќе пред Споменикот, на местото каде е формиран баталјонот, а за значењето на историскиот настан зборуваше претседателот на Сојузот на борците од НОАВМ за Охрид и Дебрца, Гоце Георгиески.
– Денешниот ден е и ден во кој не смееме да ги заборавиме сите оние кои загинаа и кои ги положија животите за својата татковина, Македонија. Вечно нека се памети нивниот пример за тоа како се сака и како се брани сопствената земја. Од мое лично име и од името на граѓаните на општина Дебрца на сите припадници на Армијата им го честитам 18-ти Август – Денот на македонската Армија, порача градоначалникот на Општина Дебрца Зоран Ногачески.
Секоја година, кај споменикот се одбележува годишнината од формирањето на баталјонот и Денот на армијата на Република Македонија. Организатори се општинската организација на Сојузот на борци од НОАВМ 1941-1945 и на граѓаните продолжувачи во општините Охрид и Дебрца заедно со локалната самоуправа на општина Дебрца и делегација на припадниците на АРМ.
По одржувањето на преспанскиот состанок на кој беше анализирана состојбата, донесен е заклучок дека се создадени услови за создавање на регуларни воени формации, единици кои ќе бидат способни воено и политички да делуваат на целата територија на Македонија. Така со наредба на Штабот на 2-та оперативна зона, на 18-ти август 1943 година, на Славеј планина се формира Првиот баталјон „Мирче Ацев“, прва регуларна воена единица на македонскиот народ. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива