Охрид, 6. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на следните две години ќе бидат снимени филм, документарец и Тв серија посветени на животот, делото и мисијата на нашата голема музичка ѕвезда, легендарниот Тоше Проески.
Тие ќе ги прослават неговите живот, дело и мисија. Тоше не беше само музичка икона за Република Македонија, туку и за целиот Балкан, и овој проект се очекува да има големо регионално значење.
Носител на проектот е Македонската радио-телевизија, а финансиските средства ќе бидат обезбедени од буџетот на Република Македонија преку Министерството за дигитализација и копродукциски ќе бидат вклучени неколку национални телевизии од Балканот. За целиот проект е добиена и согласност од семејството на Тоше.
Тој загина на 16-ти октомври 2007 година околу 06:20 часот во сообраќајна несреќа на автопатот кај Нова Градишка, Република Хрватска. Џипот со кој што управуваше пријателот на Тоше, тогаш 32-годишниот Ѓорѓи Ѓорѓевски, поради неприлагодена брзина и премалото растојание помеѓу возилата, удри во приколката на камионот кој што се движел пред нив, при што страната на совозачот, каде што седел Тоше, заврши под приколката на камионот.
Тоше имаше само 26 години. Во својот краток живот остави ноти и зборови, но најмногу остави надеж дека она човечкото во нас не е изгубено и дека можеме да бидеме едно, само ако посакаме.
Роден е на 25-ти јануари 1981 година во Прилеп, а во Крушево, каде живее, го завршува основното училиште. Љубовта кон музиката го носи во клупите на средното музичко училиште во Битола, а подоцна на Факултетот за музички уметности во Скопје. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива