април 11, 2017

Охрид, 11. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – СВР Охрид поднесе кривична пријава против 27 годишниот Д.К. од Неготино, поради постоење основи на сомнение за сторени казнени дела „измама“.

Пријавениот, во периодот февруари – мај 2016 година, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, ги довел во заблуда Ј.С. и З.Р. двајцата од Охрид. Тоа го направил со поставување оглас на „Реклама-5” и лажно прикажување на факти дека посредува и нуди вработување во Германија.

На телефонските повици, пријавениот лажно се претставувал кажувајќи дека се вика Дарко од Скопје и дека успешно посредува за добивање работа во Германија.

По неколку телефонски разговори, оштетениот Ј.С. на трансакциска сметка од пријавениот, уплатил сума од вкупно 37.000 денари за вработување во Германија. По истекување на договорениот рок, Ј.С. не добил никакво известување за тоа кога ќе биде работно ангажиран велејќи му дека биле потребни уште пари за да се дозавршела веќе отпочнатата постапка.

На истиот начин, пријавениот го сторил кривичното дело доведувајќи го во заблуда и З.Р. од Охрид. Во текот на мај минатата година, сега пријавениот на З.Р. му ветил работа во Германија, а за таа услуга побарал и добил 53.400 денари.  (Крај)

извор: СВР Охрид   фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука