август 22, 2019

Дебрца, 22. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Селата во општина Дебрца се соочуваат со недостиг на вода во летниот период.

Надлежните велат рестрикции има во одредени периоди од денот, а причината освен во сушниот период ја лоцираат и во нерационалното користење на водата за пиење од страна на жителите.

Со допис до редакцијата на Супер радио и OhridPress се обратија од манастирот „Сите Светии“ од селото Лешани. Се жалат дека неколку дена манастирот и жителите се оставени без вода, а не добиле известување за рестрикции.

– Во летниот период сите години наназад, така и оваа, не се известува за рестрикциите за вода кои ги воведува општината Дебрца и согласно тоа и народот и манастирот се оставени на милост и немилост на луѓето кои ја контролираат водата, велат оттаму.

Градоначалникот Зоран Ногачески во изјава за Супер радио и OhridPress потврди дека рестрикции има, не е само манастирот и жителите на Лешани без вода, во одредени периоди има недостиг на вода во сите села. Вели и покрај апелите за разумно користење на водата, жителите ја користат покрај за пиење и за наводнување. Додава дека екипи се постојано на терен и се прават напори колку толку да има нормално водоснабдување.

– Рестрикциите ги прават од јавното комунално претпријатија во одредени периоди, има недостиг на вода во сите села. Имав комуникација со отецот од манастирот, му ја објаснив ситуацијата дека не само манастирот туку и жителите од други села во одредени часови немаат вода. Нашите екипи постојано се кај регионалниот водоснабдителен систем „Караорман”. Периодот е сушен, издашноста на изворите е намалена, а и покрај нашите апели водата освен за пиење се користи за наводнување. Правиме напори колку толку да има нормално водоснабдување, секако тоа не е со полн капацитет како што е во другиот период од годината, потенцира Ногачески.

Тој и натаму апелира до жителите за разумно и рационално користење на водата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука