Скопје, 27. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Државната изборна комисија (ДИК) донесе изменување на Упатството за важечки и неважечки гласачки ливчиња.
– Во врска со ова Комисијата дополнително извести и ги задолжи избирачките одбори задолжително да постапуваат според членот 109 став (2) и да ставаат печат на секое гласачко ливче, но доколку има ливчиња без ставен печат, за таквите да постапат согласно член 115, а во врска со член 110 од Изборниот законик и таквите ливчиња да бидат важечки доколку волјата на гласачот е јасно изразена, стои во соопштението од ДИК.
Покрај ова ДИК донесе решенија за повторување на гласањето на избирачко место 0543, Дебар, за избор на членови на совет на општината и за избор на градоначалник и за повторување на гласањето за избор на членови на совет на Општина Шуто Оризари и совет на Град Скопје на избирачко место 2957/1.
Инаку в недела, на 31-ви октомври ќе се одржи вториот круг од локалните избори во 44 општини. ДИК утре ќе ги дистрибуира гласачките ливчиња и изводите од Избирачкиот список за вториот круг од Локалните избори до Општинските изборни комисии, а во петок ќе се достават уредите за отпечатоци од прст. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива