Охрид, 19. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Голема беше честа да се присуствува на оваа манифестација која има толку голема традиција. Мило ми е што и мојот пријател Зоран Милевски помогна и јас да ја имам таа чест да бидат кум заедно со него на празникот Богојавление во Охрид.Иако имаше дожд, денеска имаше голем број верници на брегот од езерото.
Ова денеска го изјави годинешниот кум на големиот православен празник Богојавление Водици, Жељко Јоксимовиќ. Тој изрази големо задоволство што изиминатите неколку дена е дел од главната церемонија во Охрид , а посебно, како што рече, поради тоа што му се обраќаат со зборовите „куме,куме“.
– Се повеќе пријатели стекнувам секојдневно овде. Мојата сопруга, татко ми и моите пријатели кои дојдоа со мене се изненадени од вашата гостопримливост и кога поминувам низ градот сите ме довикуваат „куме, куме“. Тоа многу ми годи, зашто не сум дојден за концерт, туку како граѓанин, како пријател на Охрид и Македонија. Мислам дека тоа повеќеструко се враќа и дека Господ се гледа, рече Јоксимовиќ.
Другиот кум, пријателот на Жељко, Зоран Милески, истакна дека фаќањето на чесниот крст не е наместено, туку тој отиде во рацете на најсреќниот капач во осветените езерски води.
-Господ да им даде на сите граѓани здравје, мир, среќа и бериќет. Првпат во Охрид, токму денеска крстот го фати човек којшто не е од Варош. Секоја година се зборуваше, фаќањето на крстот го местеле, па не го местеле, но годинава испадна фактички дека никоја година назанад не била местена, изјави Милески.
Среќниот фаќач на чесниот крст од кумовите и од здружението „Богојавление“ ќе добие подарок крст. Како и секоја година, и овој пат тоа ќе биде реплика на крстот којшто се фрла во Охридското Езеро, но малку поголем.
Празникот во Охрид годинава го проследија неколку илјади верници, но и посетители од Македонија и странство. И покрај дождот, во осветените води на Охридското Езеро скокнаа близу илјада капачи, од Охрид, Битола,Ресен,Скопје, но имаше и капачи од Шпанија, Чешка, Бугарија и Србија.
Црвениот крст од Охрид и годинава со свои спасителни тимови беше дел од манифестацијата Богојавление –Водици што се одржува на градскиот плоштад и на пристаништето во Охрид. Според претседателот на општинската организација Сашо Точков, празникот на брегот од Охридското Езеро поминал вообичаено, како и секоја година, а интеревенциите биле очекувани.
– Имавме 15 интервеници на извлекување на млади деца кои побара апомош а беа во водите каде што се фрлаше крстот. Со чамци ги извлековме на пристаништето од страна на нуркачките и спасителните тимови. Имавме четири посериозни интервенции на медицинска прва помош, една поголема посекотина и три интревенции на благи хипотермични шокови, изјави Точков.
Откако заврши церемонијат на фрлањето на крстот, денеска во Охрид падна и едно мало дете во езерото. Црвениот крст интервенираше и тука, и успешно си ја заврши својата работа.
-Детето падна многу длабоко, но се’ заврши во најдобар ред зашто нашите тимови беа максимално подготвени, додаде Точков. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес