март 14, 2018

Охрид, 14. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Нема апсолутно никакви промени во цената на дулијата во изнајмувањето на тезгите, туку само законски се регулираат услуги за кои досега тоа не било направено.

Ова беше одговорот на координаторот на советничката група на СДСМ, Константин Георгиевски на обвинувањата дека се зголемуваат цените на услугите што ги врши ЈП Градски пазар- Охрид.

– Станува збор за воведување во ред на издавањето на кафемати и банкомати во рамки на пазарот кое и досега се вршело, но не било поткреопено со одлукла. Сега се потврдува со одлука и соодветни цени. За поставување кафемат цената е 2500 денари, сандаци за сладолед 2500 денари и банкомати 5000 денари. Друга измена е согласно законот за изнајмување на простор во сопственост на државата. Јавното претпријатие е должно да направи проценка на просторот и цената да се утврди според вредноста на недвижноста која ја утврдил овластен проценител и треба да изнесува 0,5 %. Досега цените на дуќаните во пазарот се ставани од ракав, а не по закон, рече Георгиевски.

Што се однесува пак до законската одредба трговците на зелените пазари да може да продаваат производи на тезга само со лиценца, истата ќе се однесува за индивидуалните земјоделци, а не и за тезгаџиите, рече градоначалникот Јован Стојаноски.

Директорката на „Градски пазар“, Кристина Крлеска Деспотоска појасни дека станува збор всушност за еден вид легитимација, а не лиценца како што се нарекува во јавноста. Согласно Законот за зелени пазари, кој е донесен, но сеуште не е стапен на сила, од воведувањето легитимации бенефит ќе има државата со намалување на бројот на невработени лица, а од друга страна ќе се намалат бирократските процедури за трговците.

kristinakrleskadespotoska

– Здружението на пазарџии се трансформира во Комора на трговци се со цел да ги евидентираат сите трговци на пазарот. За да добијат лиценца мора да бидат невработени лица. За тие лица ќе се плаќа пензиско и инвалидско осигурување и паушален персонален данок. Од друга старана нема да бидат приморани да одат во Централен регистар, да ангажираат сметководители, да доставуваат даночни пријави. Сето тоа ќе се врши преку комората. Трговците се регистрираат и цела постапка ќе се води преку комората, истакна Крлеска Деспотоска.

Моментално тече рокот од девет месеци за адаптација кон новите услови и утврдување на ценовникот.

– Без лиценца трговците не ќе може да земат тезга под закуп, а важноста ќе биде една година. Цената сеуште не е утврдена. Се шпекулира со износи, но сакам да кажам дека цените нема да бидат астрономски, знаејќи ја категоријата на луѓето. Целта не е да се замат пари од тие луѓе туку да се евидентираат и да се зголеми вработеноста, децидна е Крлеска Деспотоска.

Казните за пазарџиите и трговците кои нема да ги почитуваат измените ќе се движат од 150 до 3000 евра. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

 

 

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука