Скопје/Охрид, 24. октомври 2019 (ОХРИДПРЕС) – „Неми филмови“ е насловена дебитанската книга раскази на младиот охриѓанец Димитар Димоски, што како 176 издание во едицијата „ПРОаЗА“ на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ се појави деновиве.
– Расказите претставуваат своевидна наративна мапа на животот во малите градови и заеднички мотив на секој од овие раскази е поимањето на провинцијата како начин на живеење или како својство на човековата природа. Ова дебитантско дело срамежливо кокетира со малите урбани херои – ликови кои не успеваат да си го пронајдат местото во животот или пак кои стојат и чекорат во место. Оттука, пишувајќи во прво лице, авторот насочено не`води низ темите што ги развива со колоритен јазик, ослободен од надворешната форма што би значела – опис на настаните и било какви стеги во изразот и стилот, стои во поговорот на писателот Ненад Јолдески, јави slobodnaevropa.mk.
Димитар Димоски е роден во 1992 година во Охрид и е член на тамошниот литературен клуб „Григор Прличев“. Два пати е добитник на наградата на „Нова Македонија“ за расказите „Создавач на светови“ во 2014 и „Неми филмови“ две години подоцна. Тој едновремено е и авторот кому помеѓу овие две значајни признанија му припадна и награда „Живко Чинго“ за „Мојата куќа во Крс’ Џамија“ во 2015 година. Инаку, станува збор за дипломиран економист по интерен маркетинг на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје кој, пак, магистрирал Креативна продукција на Филмскиот институт во Охрид.
Комплетната информација ОВДЕ. (Крај)
извор: slobodnaevropa.mk фото: slobodnaevropa.mk