Охрид, 18. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Шест кандидатски советнички листи обезбедија место во новиот состав на Советот на општина Охрид.
Од Општинската изборна комисија (ОИК) за Супер радио и OhridPress велат дека, сé уште неофицијално, советнички места ќе добијат кандидати за советници од две коалиции, две партии и од две независни листи.
– Неофицијално, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ имаат освоено 10 советнички места, СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ освоија 8 места, ДУИ има две и по еден советник обезбедија Левица, група избирачи Димитар Велјаноски и група избирачи Антонио Наумоски, вели Антигона Сионов, претседател на ОИК.
Согласно изборниот законик, моментално течат жалбените рокови, по што Државната изборна комисија треба да ги потврди мандатите.
За седмиот избор на Градски совет во Охрид беа поднесени 11 советнички листи, од кои три беа независни, пет поднесени од политички партии и уште три од коалиции. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес