септември 27, 2019

Охрид, 27. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Кога беа огласени плажите за издавање под концесија во 2007 година, еден од главните услови беше во проектната документација да биде предвидена и платформа во вода.

Платформите на тие плажи што тогаш учествуваа на тендерите не се дивоградби, вели Љупчо Нечкоски, концесионер на плажа во Лагадин.

Според него не случајно сите популарни плажи до „Атлантик“ имаат платформи, а тоа што на некои порано или подоцна им завршиле договорите за закуп, не значи дека таму е се диво изградено. Додава дека онаму каде со проектна документација се предвидени плажи треба да останат и било кој иден концесионер треба да ја надградува, а не еден да руши друг да гради.

– Тоа решение го добивме 2009 по првиот тендер. Потоа државата повторно со нас склучи договори со ниедна плажа не срушена и вратена во првобитна положба, 2012 исто беше. 2014 година градот склучи со нас договри под постоечки плажи и тој фамозен член на кој се повикуваат одредени луѓе повеќе штети на градот и државата отколку на нас концесионерите. Замислете сега сите од било кои причини да се откажеме од плажите и да ги рушиме сами, на што тоа ќе личи градот. Тоа е непотребна работа. Ова се многу важни работи за градот, од кои функционира. На што ќе личиме ако ги срушиме. Местата што беа издадени под концесија беа диви депонии, плажа една беше „Горица 3“ – „Орце Николов“, ова што беше земено под концесија порано беа диви депонии, рече Нечкоски.

Градоначалникот Константин Георгиески вчера изјави дека со одлуката за времен прекин за постапување по урбанистички планови, „врзани“ се рацете на општината да може да постапува со плажите и информира дека решенија за рушење им се доставени уште во јуни 2017-та година кога им истекла концесијата.

Нечкоски на ова рече дека тој нема добиено такво решение, неговата концесија истекла годинава.

– Јас доаѓам од плажа во која од февруари 2014 имаме документ на пет години. Не тврдам дека сите тогаш потпишале, но концесионерите на потегот спрема Лагадин ја делат мојата судбина. Јас на крај на 2018 година однесов 400 000 денари кирија. Јас немам добиено решение за рушење, мене годинава ми истече концесијата, еве оваа сезона работев популарно речено на „црно“, рече Нечкоски.

Тој очекува проблемот да се реши. Предлага да се изврши категоризација на плажите спрема местоположбата, да утврдат цена по метар квадратен да се повикаат постојните концесионери да склучат договори ако им одговара, а ако не нека се распишат нови огласи. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука