За Охридцките работи Бр. сл. 005/04/2013 Охрид, 05. јули 2013 година
Ај малку personal touch на почеток, за то кога го регистрирав ликов за прв пат.
Негде `96 или `97 (од минатиот век) ќе да беше… Влатко Пантер, Dj Panter (RIP) замина војска и во аманет ми го остаде „Мажестик“, демек – оди брат дур се вратам, па после јас пак. Атер со кумот никогаш не си скршивме, па бидна така, и супер испадна. Со Гоџе и Дејан од Куманово кои помагаа на музика, со Аце Ѓурче (Љубави), Кире и тајфата нивна како менаџери… И поминвевме онака, шо би рекле „у Скупје“ – ТОП. Еден ден, работен беше, среда или четврток, ми се јавија од таму и викет ај помини вечер има група, ама (пази) земи само класична музика, пошто ќе иделе некои интелектуалци, па од аеродром некој имало, па доктори…. Е, ај… И така Митанов, куферчето полно со Моцарт, Бетовен, па оваа симфонија, па прв став, втор став, опера некоја, вечерта на работа. Дојдоа луѓево и јас почнав… Море Вивалди, Бетовен, Шопен, Чајковски, Брамс, абе „Охридско лето“ во најава… И ме гледет луѓево бледо нешто… Јас пуштам, тие се чудат… И напнато стана, дојде еден, ме тргна настрана и ми викат:
– Извини бате, шо ти е?
– Абе интелектуалци, викам сте биле, демек така ми рекоа.
– Ааа, така ти рекоа, вика типов. Ок почекај малку…
Ојде до в кола донесе две CD-а и после сат време малку фалеше кабриолет да го направат „Мажестик“ ова интелектуалциве.
Е се’ то беше ок, ама на второто CD, четврта или петта беше, не ми теквит која, ама името го запамтив – Аца Лукас.
И така батиња јас ја изгубив мојата фолк-музичка невиност, а останатото е (фолк) историја…
Абе, да Ви кажам искрено, не е проблемот бе луѓе кај него. Кај нас си е маката, и колку побрзо ќе го разбереме тоа, толку побрзо ќе станеме град, ама во вистинска смисла на зборот. Тој никого не присилува да дојде. Некој го кани, а што е уште пострашно, други даваат дозвола за истото. Тоа се луѓе со име и презиме, со функција на која некој ги ставил. Толку… Лукас или било кој друг доаѓа, пее, собира пари колку што чини еден просечен фестивал во Македонија и оди натаму… Сами си пукаме во нога, не е крив ни Лукас, ни Цеца, ни то Карлеушата, никој…
Аца Лукас е фраер бе луѓе и точка. Тој е поголем професионалец и поголема ѕвезда од најголемиот дел од нашиве ѕвездички во најава (заедно). Човекот им ја научи слабата точка на луѓето, им го лоцираше музичкот нерв и сега си ги чепка (во срце) од време на време со певливи песнички, негува имиџ на Балкански фраер, па ме пукаа со пиштол, па на овој му реков вака, се скарав со овој… Старите викаат „си го тера тој магаренцето“, туку ние што правиме. Има една песна што ја слушав некаде и песната е чиста петка. Ја ислушав и го прашувам детето, извини чија е песнава, вика од Аца Лукас… Кај прашав, кај се запустив…. Ама песната ја пеев цел ден… Аца, не Аца, то е…
Она што како нација не успеавме да го направиме е да направиме индустрија од музиката. Ако некогаш важеше она – во Босна немој да пееш, Во Србија немој да играш, Во Македонија немој ни да пееш ни да играш, ќе те натпеат и надиграат.
Дали тоа важи денес?
Дали треба воопшто и да одговорам на ова…
– Дали е ова државата на Бадев, Сариевски, Верица Ристевска, Славе Димитров, Драган Мијалковски, Тоше Проески или е ова некоја банана-државичка, која ќе голтне сè што ќе и’ се сервира, напишав пред многу години кога во „Идолот“ еден лик мртов ладен си кажа дека не морало да се преведува таму од бугарски, зошто сме биле еден народ, две држави (или така нешто беше). Драги мои, од една традиција богата како океан, стигнавме до тоа дереџе да се „главни“ некои дечиња да се гордеат со тоа кој поголема псовка ќе стави во песна, до голобради момчиња кои добиваат државни тендери за (замислете) да ја заштителе македонската музика. Денес кутрата македонска музика има повеќе заштитници од творци. Сите се натпреваруваат за тоа како да ги делеле парите собрани од медиумите и хотелите, а никој веќе не прави музика. Сите би да делат само… И сето тоа под државна капа. Па уште и ќе сме правеле музика за стимулирање на трето дете, или како беше таа „генијалност“…
Лудило роџаци, лудило!!!
И после Аца Лукас ни е крив. Ништо од бизнисот драги мои. Се додека клубови отвараат луѓе кои како мали не ги пуштале да влезат во клуб, ништо од бизнисот. Ништо од бизнисот додека музичкиот вкус на младите го креираат луѓе кои во животот имаат слушнато 10 песни, од кои 3 во такси.
Скопјаниве како да насетија нешто, па (наводно) се договориле да не пуштаат турбо – фолк кај нив. Супер, напишав на Facebook, сега целиот ќе ни остане кај нас – во Охрид. Ајде бујрумте сите на фолк во Охрид летово. Спремаме посебни понуди ако ви зафалит турбо фолк – Купка со Аца Лукас, масажа со Кеба, зајдисонце со Саша Матич. Јавете се, има уште слободни места…
И како што рече еден генијалец-градоначалник кој градов си го имаше разбрано како „пашалак“:
– „Ние сме туристички град, ак не ви чинит да се отселите дур е сезонава.“
Ево песната за крај и свиркајте си ја…
Сашо Митан