Мадрид, 25. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Бразилскиот фудбалер Нејмар изјави дека за него е привилегија и чест да игра во ист клуб со Лионел Меси.
Меси и Нејмар ја однесоа Барселона до триумф над Елче од 6:0, при што и двајцата постигнаа по два гола, додека Аргентинецот на својот колега маестрално му асистираше во два наврати.
– Елче тргна силно, играа на домашен терен и сакаа добро да се претстават, но ние стигнавме до убава победа. Едноставно е играњето со Меси, најдобриот фудбалер на светот. За мене е чест да играм покрај него, тој е мојот херој, изјави Нејмар.
Каталонците и понатаму заостануваат бод зад Реал Мадрид и имаат натпревар повеќе.
– Ние прво гледаме да ја завршиме нашата работа најдобро што можеме, а потоа гледаме што се случува со останатите клубови. Секогаш зависиме само од себе, од она што го покажуваме на теренот. Ако продолжиме да играме вака, тешко дека ќе загубиме, додаде Бразилецот. (Крај)
извор: Спорт ТА фото: архива