Охрид, 23. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Нивото на водата во Охридското Езеро денес е на само 10 см од минимално дозволеното ниво од 693.10 мнм, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Денешната кота на нивото на Охридското Езеро изнесува 693.20 мнм, што е за три сантиметри над природната кота од 693.17 мнв.
Инаку, просекот за месец октомври е 11 сантиметри повеќе од минималното ниво. Температурата на водата во Охридското Езеро измерена утрово изнесува 16.5 степени Целзиусови.
Ноќеска и во текот на денот имавме пообилни врнежи од дожд, по кои се очекува подобрување на хидролошката состојба на езерото, особено што метеоролозите најавуваат врнежи и во текот на утрешниот ден.
– Во текот на денот ќе дува умерен до засилен јужен ветер, а кон крајот на денот ќе го промени правецот во северен. Врнежите ќе продолжат и утре, но со намален интензитет, а на повисоките планини во северозападните делови ќе поминуваат во снег. Во вторник и в среда ќе дува засилен северен ветер кој ќе предизвика значително намалување на дневната температура. Од среда ќе има постепено намалување на облачноста, а од четврток и пораст на дневната температура, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива