Охрид, 13. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Водостојот на Охридското Езеро и понатаму е под просекот за овој период од годината.
Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), езерото е на кота од 693,25 м.н.в, што е за 6 сантиметри под просекот за октомври (693,31 м.н.в) и 15 сантиметри над минимално дозволеното ниво (693,10 м.н.в).
Температурата на езерската вода е 18 степени и е за 1,3 степени повисока од просекот за овој месец.
Инаку и во текот на овој месец како и минатиот продолжува трендот на пад на езерското ниво. Од почетокот на септември досега нивото е намалено за 19 сантиметри.
Во Охрид денес претежно сончево и топло време со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Максималната температура ќе се искачи до 23. степени.
– Во деновите од викендот ќе се задржи сончево време со свежи утра, а релативно топло преку денот. Во текот на ноќта кон понеделник се очекува продор на студена воздушна маса од север, проследен со засилен северен ветер и нагло опаѓање на температурата, особено во северните делови. Во почетокот на следната седмица времето ќе биде променливо облачно и посвежо со услови за локален дожд. Во понеделник ќе дува умерен до засилен северен, а во вторник јужен ветер, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР