Охрид, 14. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Водостојот на Охридското Езеро и понатаму е под просекот за овој период од годината.
Според денешните мерења нивото е на кота од 693,24 м.н.в што е за 11 сантиметри под просечното ниво за овој месец (693,35 м.н.в) и 14 сантиметри над минимално дозволената кота (693,10 м.н.в). Температурата на езерската вода, измерена утрово е 7 степени и е за 0,2 степени повисока од просечната.
Изминативе две недели нивото е покачено за 3 сантиметри, а снежните врнежи се очекува позитивно да се одразат на хидролошката состојба.
Со надеж дека одговорните ќе преземат соодветни мерки и нема да ни се случи „Преспанизација“ на Охридското Езеро, на OhridPress продолжува рубриката „До кај сме“ каде секој ден објавуваме по една фотографија од истата локација од процесот на претворање на охридското „Островче“ во полуостров.
Во Охрид денес променливо облачно и студено време со провејување на снег претежно во јужните и југозападните делови. Ќе дува засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе се искачи до 0. степени.
– До четврток преку денот претежно во планините ќе провејува слаб снег особено во јужните делови и ќе дува слаб до повремено умерен северен ветер. Утринските температури насекаде ќе бидат негативни. Во деновите потоа ќе преовладува стабилно и понатаму студено време, со ниски утринските температури кои поради разведрувањето дополнително ќе опаднат и наместа ќе се спуштат под -10 степени. Од средината на неделата ќе има услови за појава на утринска магла, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР). (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР