Охрид, 1. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Споредено со вчерашните мерења, водостојот на Охридското Езеро порасна за два сантиметри.
Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), езерото е на кота од 693,14 м.н.в, што е за 14 сантиметар под просекот за октомври (693,28 м.н.в) и само четири сантиметри над минимално дозволеното ниво (693,10 м.н.в).
Температурата на езерската вода е 18 степени и е за 1,2 степени повисока од просекот за октомври.
Состојбата со нискиот водостој трае веќе подолг период. Само во текот на минатиот месец нивото на езерото се намали за 13 сантиметри. Минатата година во ноември водостојот беше на 693,10 м.н.в, а речиси пола декември беше на еден сантиметар под минимално дозволеното ниво.
Во Охрид денес променливо облачно и свежо време. Попладне ќе има намалување на облачноста. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец.
Mаксималната температура во Охрид ќе се искачи до 17. степени.
– Денес претпладне ќе има повремен локален дожд со послаб интензитет, а попладне ќе настапи стабилизирање на времето. За време на викендот и во првите денови од следната седмица ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури, а дневните ќе бидат во постепен пораст, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР