Охрид, 8. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Водостојот на Охридското Езеро се зголеми за еден сантиметар, споредено со вчерашните мерења.
Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), езерото е на кота од 693,14 м.н.в, што е за 14 сантиметар под просекот за октомври (693,28 м.н.в) и само четири сантиметри над минимално дозволеното ниво (693,10 м.н.в).
Температурата на езерската вода е 17 степени и е за 0,2 степени повисока од просекот за октомври.
Врнежите од дожд ќе придонесат за подобрување на неповолната хидролошка состојба.
Охридското Езеро се соочува со низок водостој веќе подолг период. Само во текот на минатиот месец нивото на езерото се намали за 13 сантиметри. Минатата година во ноември водостојот беше на 693,10 м.н.в, а речиси пола декември беше на еден сантиметар под минимално дозволеното ниво.
Во Охрид денес облачно и студено време со повремени врнежи од дожд, на места пообилни. Ќе дува слаб до умерен ветер, претежно од североисточен правец.
Mаксималната температура во Охрид ќе се искачи до 13. степени.
– Под влијание на влажна воздушна маса и во следните денови ќе се задржи облачно и студено време со врнежи од дожд. Врнежите повремено ќе бидат пообилни, со пороен карактер и засилен ветер, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР