Охрид, 13. април 2022 (ОХРИДПРЕС) – Полека, но сигурно, нивото на водата во Охридското Езеро се приближува до просекот за овој период од годината.
Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), водата е на кота од 693,54 м.н.в, што е за 5 сантиметри под просекот за април (693,59 м.н.в), односно 44 сантиметри над дозволениот минимум (693,10 м.н.в). Температурата на езерската вода порасна на 7 степени и е за 3,4 степени пониска во однос на месечниот просек.
Веќе половина месец трае континуираниот раст на водостојот. Во однос на вчерашните мерења нивото е покачено за два сантиметри, а изминативе две недели нивото пораснало за 14 сантиметри.
Во Охрид денес сончево и потопло време со слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура во Охрид ќе се искачи до 17. степени.
– До петок ќе преовладува претежно сончево време и наутро постудено, а преку денот со се повисоки температури. Во сабота облачноста ќе се зголеми и потоа ќе има услови за слаб локален дожд. Врнежите ќе бидат пообилни во недела и понеделник кога ќе дува засилен северен ветер и ќе има позначително спуштање на температурите, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР