Охрид, 27. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Врнежите од дожд што ги имавме периодов наназад, особено оние од викендот, позитивно влијаеа на хидролошката состојба на Охридското Езеро.
Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), водата е на кота од 693,60 м.н.в, што е за 5 сантиметри под просекот за јуни (693,65 м.н.в), односно 50 сантиметри над дозволениот минимум (693,10 м.н.в). Температурата на езерската вода е 20 степени и е за пет степени повисока во однос на јунскиот просек.
Последнава недела езерското ниво е покачено за 2 сантиметри, а од почетокот на месецот досега за 8 сантиметри.
Нивоата на речиси сите реки во земјава се повисоки од повеќегодишниот просек за овој период од годината. Исклучок се реките Крива Река на мерното место кај Крива Паланка, Брегалница кај Берово и Црн Дрим кај Ложани каде има понизок водостој од просечниот.
Во Охрид денес сончево и топло време со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец. УВ индексот ќе биде 7, а максималната температура ќе се искачи до 28. степени.
– Утре попладне и кон крајот на денот ќе има дестабилизација со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во четврток ќе дува засилен северен ветер, што ќе услови температурата да се намали за неколку степени, а од петок температурата повторно ќе биде во пораст, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР