Охрид, 19. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Старото пристаниште пред хотелот „Палас“ да ја добие својата првобитна намена.
Со ваква иницијатива излезе охридскиот подводен археолог, нуркач и инструктор во „Акватек“, Никола Паскали.
– За идните генерации и за генерациите на кои им фали ова место. Охрид е град на водените спортови. Да го вратиме вистинскиот дух на градот, напиша Паскали на својот Facebook профил.
Ова пристаниште во меморијата на постарите охриѓани буди многу убави спомени. Плажата пред „Палас“ вистински била главна атракција, како за домашното население, така и за туристите. Тука многу од нив оделе на плажа и ги совладувале тајните на пливањето. Денешниот бетонски мост, изграден пред десетина години, кој го поврзува пристаништето со кејот, во минатото бил дрвен, а во 1968 година бил разрушен под налетот од силното невреме што го зафатило Охрид.
Ова пристаниште денес е во незавидна состојба, а дополнително беше оштетено и под вода за време на ланското невреме што го зафати Охрид.
За оваа локација пред неколку години беше најавена реконструкција, дека ќе прерасне во модерно пристаниште со угостителски објект, а беше споменувано и како можна локација за мала марина, за што беше изработена и физибилити студија и архитектонско решение.
Но, од сето тоа до денес ништо. Охриѓани и гостите го користат за кратки прошетки и фотографирање на градот. Останува да видиме дали оваа иницијатива ќе биде разгледана или пристаништето ќе биде нем сведок на нашата (не)грижа. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Никола Паскали/ОхридПрес