Белград, 1. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Црногорско-српската копродукција „Игла под прагот“, режисерскиот првенец на Иван Мариновиќ, по светската премиера во Сараево и турнеите по различните континенти (САД, Австралија), ќе биде на кино репертоарот во Македонија од 2 март.
„Игла под прагот“, за кој Иван Мариновиќ го напиша и сценариото, е приказна за жителите на едно селце на полуостровот кои се на прагот да продадат многу земјиште и со тоа да ги решат сите свои проблеми. Единствена пречка на нивниот пат е тврдоглавиот поп Петар (Никола Ристановски) кој одбива да го продаде својот дел. Покрај итрите селани кои секојдневно му го загорчуваат животот, Петар треба да се соочи и со деменцијата на мајка му (Јелисавета Сека Сабљиќ), заљубеноста на опседнатата Мара (Драгана Дабовиќ), бунтовништвото на синот тинејџер и постојаното преиспитување на сопствената вера. Кога на Петар конечно ќе му се смачи и натаму да го „врти другиот образ“, се случува надреален хаос по кој никој во селото нема да биде ист.
Актерската екипа во оваа црнохуморна комедија ја предводи Никола Ристановски, кој за својата улога го освои Златниот делфин на Босфорскиот филмски фестивал во Истанбул. Покрај него играат Јелисавета Сека Сабљиќ, Љубомир Бандовиќ, Богдан Диклиќ, Леон Лучев и многу други, а фотографијата ја потпишува Ѓорѓе Арамбашиќ. Сите тие придонесуваат естетиката на филмот на Мариновиќ да потсетува на италијанските филмови, но и на делата на Живко Николиќ.
– Убаво е луѓето, додека го гледаат филмот, да препознаваат, да учествуваат и доживуваат… Секој на свој начин, од свој агол и жанр – во потрага по некоја смисла, квалитет или вредности – едноставни, топли, неизмислени… Тој допир на Балканот со Медитеранот, тоа не е само менталитет кој мене некако ми одговара и кој е без сомнение и дел од мојата генетика, тој на некој начин претставува важно милје во една поширока, па и антрополошка и универзална смисла. Како некаква тврдина на Човекот на раскрсница – географска, историска, социјална, психолошка… На човекот кој е вечно во дилема дали да остане или да отплови. На човекот кој длабоко верува, но и секојдневно се преиспитува самиот себе. Имам неверојатни асоцијации на Итака на Одисеј… на филмот. Јас верувам во тоа, рече Ристановски за филмот „Игла под прагот“.
Покрај Ристановски, уште еден еминентен македонски автор е дел од оваа балканска екипа. Имено, музиката за филмот ја напиша наградуваниот џез гитарист Тони Китановски.
Ова е духовита приказна за балканскиот менталитет, за борбата помеѓу традиционалното и модерното, за човечноста од една и надменоста од друга страна. Критиката до сега беше едногласна во ставот дека Мариновиќ раскажал приказна за малиот човек со големи проблеми и тоа така што филмот може и да ве насмее и да ве растажи. Со други зборови, „Игла под прагот“ е паметна комедија.
Филмот е снимен во величествениот амбиент на Луштица и Бока Которска со поддршка на Министерството за култура на Црна Гора и Филмскиот центар на Србија. Снимањето на филмот го помогнаа и Lustica Bay и Туристичката организација на Херцег Нови.
Сценариото освои награди на работилницата Jerusalem Film Lab во 2014 година, како и на програмата Cinelink на Сараевскиот филмски фестивал истата година. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива