Охрид, 19. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Земјоделството е трет сектор во националната економија кој во вкупниот бруто домашен производ учествува со 13 проценти истовремено обезбедувајќи приходи и вработување на преку 17 проценти од работната сила во земјата, потенцира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на отворањето на третиот Меѓународен симпозиум за земјоделство и храна што се одржува во Охрид.
Претставници на академската заедница, на бизнис-секторот, на останати институции и реномирани научници од 26 земји учествуваат во работата на овој симпозиум, што се организира по повод 70-годишнината од Факултетот за земјоделски науки и храна.
– Министерството ќе ја продолжи континуираната соработка со научните инстутиции при креирањето на новите аргарни политики за развој, со цел развивање на сектор прилагоден кон заедничката европска политика. Во моментот се подготвува петгодишната национална програма за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, во чија подготовка учествуваат и ќе дадат свој придонес не само институциите туку голем број експерти, рече министерот Николовски.
Тој изрази уверување дека од собирот во Охрид ќе произлезат голем број заклучоци, корисни наоди што ќе можат да се применат во пракса, со цел успешно заокружување на процесот на модернизирање на македонскиот аграр.
На Симпозиумот ќе бидат презентирани 386 трудови во сферата на научните и практичните достигнувања во областа на земјоделството и производството на храна, а самиот симпозиум ќе биде добра можност за поттикнување дискусии, соработка и натамошна научна и истражувачка дејност меѓу универзитетите, институтите, агробизнис-секторот и останатите релевантни институции. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес