октомври 23, 2021

Охрид, 23. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ на денеска одржаната седница на највисоките партиски органи во Охрид донесе проглас во кој се повикува на заедништво, слога и обединување на сите граѓани и прогресивни сили во државата за подобра иднина и промени, во борба против власта која носи порази, понижувања, неуспеси.

– Таквото обединување значи масовна мобилизација на граѓаните кон подобра иднина, успеси и работа. Секоја наша разлика е помала од заедничката цел, Македонија да ја развиваме, економски да зајакнува, политички да се интегрира, се наведува во Прогласот што пред медиумите го презентираше партискиот потпретседател, Александар Николоски.

Тој посочи дека мора да се урнат ѕидовите на поделби и омраза наметнувани од власта, за што е потребна мобилизација, излезност и народно обединување на граѓаните.

– За таа цел ВМРО-ДПМНЕ ја реафирмира поддршката за кандидатите за градоначалници од Алијансата на Албанците и Алтернатива. Во местата каде немаме свои кандидати во вториот круг, природно ќе ги поддржиме кандидатите кои се опозиција на власта и се борат против оваа власт која е корумпирана и криминална, рече Николовски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ уште додаде дека во Прогласот се повикуваат граѓаните слободноумно и отворено да излезат и секаде да ги поддржат кандидатите кои искрено се борат против власта. (Крај)

извор: МИА фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука