Охрид, 30. мај 2021 (ОХРИДПРЕС) – За Охрид сум убеден дека ќе имаме победа, имаме навистина неколку сериозни кандидати што мислам дека можат да донесат победа во градот, а исто така ќе имаме и силна советничка листа, одговори на новинарско прашање за потенцијалните кандидати за градоначалник на Охрид Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
– Во овој момент би сакале да видиме и предвремени парламентарни избори, секако тоа не зависи само од нас, треба да имаме консензус и со останатите политички партии или барем со мнозинството во Собранието. Во однос на локалните избори имаме во моментот една отворена постапка на сумирање на јавно мислење и во партиската база и во поддржувачите на партијата, но и во пошироката јавност. За Охрид сум убеден дека ќе имаме победа, имаме навистина неколку сериозни кандидати што мислам дека можат да донесат победа во градот, а исто така ќе имаме и силна советничка листа, така што се надевам дека ќе имаме добар резултат. Не само како казна на она што го зборував претходно, за нереализирани големи инфраструктурни проекти, туку и како едно ветување за иднината, за добри работи кои што можат да се случуваат во градот. Очекуваме во текот на летото да ги комплетираме овие процеси и да ја запознаеме јавноста со решенијата, истакна Николоски.
Тој додаде дека она што се случува е срамно, притоа не можејќи да најде друг соодветен збор за проблематиката.
– Буквално камен не се става. Еве тргнете од Охрид, автопатот почна да се гради 2014 година, сега сме 2021, а на изградбата не се гледа крајот. Освен минимални зафати нема ништо, а да биде проблемот уште поголем, уништен е и постојниот магистрален пат Охрид-Кичево. Нереализирани останаа проектот за Болницата за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“, исто така и базенот, истакна Николоски.
Николоски денеска од Охрид истакна дека партијата информациите за случајот со криминалот во РЕК Битола ги добила од високопозициониран член на владејачкиот СДСМ.
– Информациите до ВМРО-ДПМНЕ стигнаа од високопозициониран член на највисокото раководство на СДСМ кој заради Законот за заштита на свиркачи не можам да го споменам по име и презиме. Во моментов ВМРО поседува бројна документација за скандали и други афери од коруптивен карактер што ќе ги изнесеме пред јавноста наредниот период, а исто така се добиени од високопозицонирани лица во самиот врв на СДСМ, рече тој. (Крај)
извор: ВМРО-ДПМНЕ фото: ВМРО-ДПМНЕ