Скопје/Охрид, 25. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Ја забрзуваме постапката за изградба на автопатот Охрид-Кичево, како и со делницата Гостивар-Букојчани, што значи дека ќе имаме автопат и нa запад, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски во емисијата „Клик Плус“ на Тв 21.
– Македонија е природна крстосница на двата коридори и затоа мораме да ги искористиме предностите. Имаме огромна шанса, но мораме да имаме и заложба од другите земји кои се на двата коридори за заеднички да ги унапредиме. Добра вест е што Албанија гради, што значи дека ние автопатски ќе се поврземе со две пристаништа Драч и Валона, додека од бугарска страна не се грaди ништо. Истото е и со пругата, рече Николоски.
Оваа изјава на министерот Николоски доаѓа само еден ден по телевизиското гостување на заменик директорот на ЈП „Државни патишта“, Назим Таипи кој порача дека работите на автопатот Кичево-Охрид треба да завршат до 2026 година, но сепак може да се одложат.
– Работите треба да завршат до 2026 година, но поради некои проблеми како свлечишта, прашањето за некои обештетувања, работите може да се одложат, рече Таипи.
Министерот Николоски досега во неколку изјави истакна дека се соочуваат со огромни проблеми при изградбата на делницата, рече дека теренот на потегот до Дебрца е проблематичен, но децидно потенцираше дека автопатот ќе биде готов до крајот на 2026 година.
– Kако ќе правиме-ќе правиме, ветувањето што го дадовме дека до крај на 2026 година ќе има функционален автопат Кичево Охрид ќе го реализираме и истиот ќе биде завршен. Дел од проблемите се поврзани со експропријација, дел со проектирање на косини, дел со објекти на самата траса, пред сѐ бензиски пумпи што треба да се дислоцираат, изјави Николоски во јули годинава, при посетата на Градежниот факултет во Скопје.
Неодамна најави дека до почетокот на следната летна сезона се очекува да биде ставен во функција поголемиот дел од автопатот Охрид-Кичево, делот од Врбјани и Арбиново до Охрид, со мал прекин кај селотот Ботун
Делницата од 57 километри се гради веќе 10 години, со две влади, а и понатаму останува една од топ-темите на жителите на овој дел на државата. Низ годините лошите услови за возење на патот предизвикаа неброени сообраќајни незгоди во кои загинаа многу луѓе. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива