Анкара, 5. март 2015 (ОХРИДПРЕС) – Судењето на 18-годишниот Мухамед Закири од Охрид, обвинет за минатогодишниот терористичкиот напад во Анадолија, повторно се одложи поради тоа што адвокатот, одреден по службена должност, се откажа.
Истото го направиле и бранителите на другите двајца обвинети, кои заедно со Закири лани убија офицер, полицаец и камионџија, а ранија уште 8-мина полицајци, јави Канал 5.
– Да се брани некого е света работа и должност. Јас сум имал многу клиенти. Но, ова не сум го видел. Овие обвинети не се луѓе, тие се подолу и од животни, изјави адвокатот Наил Ѓундуз.
Судењето почна минатиот месец во судот во градот Нигде. За каков профил на терористи станува збор говори и фактот што и денеска од безбедносни причини тие не беа доведени в судница, а беа сослушувани го даваа преку видео конференциска врска од затворот во Анкара каде што се сместени. И тројцата се бранеле со молчење.
Охриѓанецот Закири, заедно со германскиот државјанин со македонско потекло Бенјамин Ху, чиј татко е од Грчец и со Косовецот Чендрим Рамадани лани на 20-ти март отворија оган врз полициски пункт на автопат во Турција, враќајќи се од камп за обука во Сирија. Дел од турските медиуми објавија дека тие како припадници на Исламската држава планирале од Турција, преку Бугарија да стасаат во Македонија. Кај нив беше пронајдено и поголемо количество оружје. Групата во полиција посочила дека нападот го извела служејќи му на Алах. Мухамед учел медреса во Тирана. Првпат за Сирија заминал во 2011-та година и според податоци на безбедносните служби неколку пати одел и се враќал од фронтот.
Групата била дел од радикалните структури блиски на Ал Каеда, потврдила турската полиција. Во камионот со кој се враќале од Сирија носеле три пушки, пиштоли, гранати и воена опрема. Во полицајците пукал Косовецот Чендрим Рамадани, кој имал и швајцарски пасош. Пред суд изјавил дека нападот го извеле во име на Алах и затоа што Турција е дел од НАТО.
По нападот турските медиуми јавија дека го извршиле тројца Албанци, двајца од Албанија и еден Косовец. Албанското Министерство за внатрешни работи демантираше дека се албански државјани. (Крај)
извор: Канал 5 фото: Канал 5