март 20, 2017

Охрид, 20. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охрид се наоѓа во Република Македонија, која на север се граничи со Србија и Црна Гора.

Да, добро прочитавте.

Со ваква информација ќе си одат туристите кои го посетиле градов, а кои застанале или барем поминале покрај новите автобуски постојки во градов.

Имено, граѓаните подолго време се жалеа на несоодветните услови на кои се изложени додека чекаат градски автобус или комбе. Гостите пак се чудеа како во 21-от век, туристичко место да нема адекватни постојки.

Конечно минатата година на територијата на Општина Охрид беа поставени нови автобуски постојки, опремени со електронски дисплеи, а истите се осветлени со поставените мапи на градот.

Токму на мапите во долниот лев агол има помала карта на која е прикажана географската местоположба на Македонија.

mapa postojka_640x360

Ајде што картата која надлежните ја ставиле сигурно е стара десетина години, со оглед на тоа што стои дека на север граничиме со Србија и Црна Гора (оваа заедница се распадна во 2006 година), боде очи и нешто друго.

На картата е ставен новиот грб на Општина Охрид, кој беше воведен во 2014 година. Значи некој од Секторот за туризам не си ја завршил работата како што треба, воопшто не повнимавал каков пропуст е направен. Зарем толку во период од над една декада оние кои се грижат за туризмот не можеа да набават некоја карта од понов датум.

Ваквите случаи ја отвараат дилемата и дали можеби ќе треба да се ѕирне и во рекламните материјали со кои Охрид се претставува на туристичките саеми ширум светот.

извор: ОхридПрес  фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука