Дебрца, 3. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Градоначалникот на општина Дебрца Зоран Ногачески од проектниот координатор Ѓоко Зороски прими во трајно владение две нови автобуски постојки во селата Белчишта и Ботун.
Постојките информираат за Белчишкото Блато, кое е природен бисер во овој дел од државава. Со оваа активност општината се вклучи во одбележување на Светскиот ден на блатните живеалишта, а годинава во фокус беа блатните живеалишта и биодиверзитетот.
Целта на оваа инфраструктура е остварување, унапредување, промоција и поддршка на активностите на проектот „Подобрување на управувањето и одржливо користење на Белчишкото Блато (Сини Вирој)”, кој го спроведува здружението „Екотуризам 2016“, Охрид и канцеларијата на UNDP, Скопје и е дел од проектот „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја”, финансиран од ЕУ, со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Наскоро на овој локалитет ќе бидат поставени и фото-замки – камери со кои постојано ќе се следи живиот свет, а посебно крупните цицачи и птиците.
Во идниот период со сите засегнати чинители ќе се работи за прогласување на блатото за заштитено подрачје на национално ниво, а блатото е веќе идентификувано како идно европско заштитено подрачје во рамките на мрежата НАТУРА 2000.
За љубителите на природата, во рамките на проектот е снимен документарен филм. (Крај)
извор: Општина Дебрца фото: Општина Дебрца